Кина го направи најдолгиот 3Д печатен пешачки мост

Во Шангај е отворен најдолгиот бетонски пешачки мост направен со 3Д технологија за печатење. Мостот го направи тим од експерти од Универзитетот за архитектура Циг Хуа во Пекинг.

Долг е 26,3 метри, а широк 3,6 метри. Поставен е во шангајскиот кварт Баошан, а во печатењето се користени модерни градежни техники. Мостот го проектираше професорот Су Веи Гуо од Универзитетот Циг Хуа, а направен е од 44 бетонски компоненти кои се направени со 3Д технологија, додека деловите за држење со рацете се поделени во 68 единици.
 

Бетонските компоненти се печатени со помош на две роботски раце, а за нивната изработка биле потребни 450 часа. Според проценките на експертите, во споредба со конвенционалниот процес на градење, заштедени се 33% од предвидените пари.

Пред почетокот на печатењето експертите направиле помал модел со кој го тестирале целиот проект. Целта на тестирањето била да се докаже дека мостот може да ги издржи пешаците кои поминуваат по него и кои се задржуваат на целата површина. Во мостот е вграден и систем за следење во реално време, кој ги следи евентуалните деформации и поместувања. 
За разлика од традиционалните мостови, во овој мост не е вграден армиран бетон. Направен е од материјали кои можат да го издржат сонцето и дождот доволно долго за да ги исполни националните градежни стандарди. Раководителот на тимот од архитекти појасни дека сложените закривени површини на мостот може да се постигнат исклучиво со технологија за 3Д печатење. Првиот бетонски мост направен со 3Д технологија беше отворен во 2017 година во Холандија.