Се финализираат активностите околу Протоколот за НАТО

Привршуваат активностите околу подготовката на пристапниот протокол за членство во НАТО, откако по спроведувањето на процедурата во македонското Собрание, минатата недела Преспанскиот договор помина и во грчкиот Паламент и експресно викендов беше објавен во Службен весник на Грција.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, за Политико Европа, вчера изјави дека пристапниот протокол за влезот на Македонија во НАТО ќе биде потпишан во скоро време, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Ќе го потпишеме пристапниот протокол во НАТО и тоа можеме да го сториме набрзо. За ратификацијата ќе треба повеќе време, сѐ зависи од 29-те парламенти, рече Столтенберг .

Според него, можно е веќе во текот на оваа недела, амбасадорите на земјите членки на НАТО да го потпишат протоколот, по што Скопје ќе седне на масата. Тој појснува дека тоа значи дека Македонија ќе учествува како земја набљудувач во сите клучни формати на состаноците на Алијансата, но полноправна членка ќе стане само откако сите 29 парламенти ќе го ратификуваат пристапниот протокол. Оваа процедура за зачленувањето на Црна Гора во 2017 година, траеше околу една година, потсетува Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО вчера и писмено го известил министерот за надворешни работи Никола Димитров дека во подготовка е Пристапниот протокол, кој е предвидено наскоро да биде потпишан од страна на постојаните претставници на земјите – членки на Алијансата. Потоа ќе следи и покана до Димитров за присуство на церемонијата на потпишување на Протоколот.