Собранието не ја прифати интерпелацијата за министерот Димитров

Собранието на Република Македонија со 59 гласа „против“ и 20 гласа „за“ не ја прифати поднесената интерпелација од опозицијата за министерот за надворешни работи Никола Димитров. Опозицијата го обвини Димитров дека ја извршува функцијата несовесно, нестручно и спротивно на македонските интереси и оти со потпишаните договори со Бугарија и Грција се загрозуваат македонските интереси. Во завршното обраќање министерот Димитров ги повика пратениците заеднички да се фокусираат врз приоритетите. „Дајте заедно да си се фокусираме, да си имаме приоритети и да не биде прашање на живот или смрт кој ќе победи, а кој нема да биде на власт. Мислам дека сега е времето тој чекор да го направиме“, им порача Димитров на пратениците во Собранието.