Бакрачески со порака до идните кандидати од кои ќе се избере нов градоначалник

Поранешниот охридски градоначалник Никола Бакрачески рано утрово се огласи на Фејсбук каде напиша неколку корисни пораки и совети до сите оние кои ќе се вклучат како кандидати на нареднтие локални избори, и од кои еден ќе стане градоначалник.

Бакрачески функцијата градоначалник ја напушти по првиот мандат, кој го заврши без ни еден скандал или афера и со рекордно висок рејтинг и огромен број реализирани проекти, како и најголемите капитални проекти за градот кои ги остави во фаза на реализација.

Минатиот месец, Бакрачески прими понуди од сите политички субјекти повторно да биде градоначалник,  притоа одбивајќи ги сите, па дури и оние кои предлагаа консензуалност во кандидатурата.

СТАТУСОТ НА БАКРАЧЕСКИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ

До идните кандидати за градоначалници на Охрид:

Пред да влезете во трка, уверете се себе си дека е тоа пред се и над се за доброто на Охрид и дека ниеден индивидуален или групен интерес не може да биде поголем и поважен од интересот на заедницата во целина.

Водете ја кампањата со граѓаните исклучиво искрено и достоинствено- не се истрчувајте со ветувања колку и на тоа да ве наведуваат поединци или групи. Бидете екстремно прецизни и конкретни во вашите обраќања пред граѓаните.

Грижете се за секој збор и реченица што ќе ја употребите. Не така ретко, поединци ќе сакаат вашите зборови да ги извадат од контекст или да ги извртат зборовите за да ве постават во релација на зависност или задолжение кое не сте го ветиле на таков начин.

Ако веќе јавно пред сите или поединечно пред некого сте се заложиле или ветиле нешто, запишете го тоа добро за да можете понатака да се потсетите. Вие имате многу ветувања или заложби кои треба да ги памтите, граѓаните имаат само едно - да го памтат и ќе го памтат само тоа што сте им го ветиле како заложба ним.

Бидете спремни да се соочите и одолеете на силни а често и непринципиелни притисоци од различни природа - од поединци, партии или институции. Но тогаш потсете се и раководете се од суптината на првата реченица во овој текст : најважни и најголеми се интересите на градот и заедницата во целина, спроведени исклучиво само и само низ постоечката законска регулатива.

Не постои друг водич освен законот. Не постои!!! А ќе ве наведуваат и охрабруваат да погрешите : некои намерно и лукративно, а некои од незнаење и невнимание. Преиспитувајте се многу пати таму каде што имате дилеми. Оставете нека преспијат работите и дадете си време за преиспитување и суперконтрола, иако често ќе ве притискаат изнудено да брзате.

Одберете исклучиво блиски особи за ваши најблиски соработници во најтесниот круг околу вас за кои сте сигурни дека ќе ви бидат лојани од почеток до крај и во најтешките моменти. Имајте на ум дека ќе мора да понесувате жртви од најразлична природа: време, енергија, емоции, семејство,пријатели, роднини, другари/ки а понекогаш и здравје. Не сите ќе ве разберат. Таква е таа професија и функција.

Научете да не очајувате тогаш кога ќе ве разочараат луѓето за кои сте сториле многу. Ќе бидат многу на број.

Не очекувајте благодарност пропорционална на големината на делото кое сте го сториле за нив. Голем дел веднаш ќе заборават. Помал дел ќе релативизираат. Но делата кои ќе ги направите исклучиво во интерес на градот и заедницата во целина ќе ги паметат.

Колку и да не им се се допаѓате, тие тоа ќе го паметат. Еден ден, кога и да е, ќе дојде време да се валоризираат вредностите на вашата искрена и напорна работа во градот. Партиите ќе сакаат да ве владеат. Реалноста е таква дека ќе мора да соработувате со нив и да ги слушате што сакаат или бараат од вас. Но тоа не значи дека мора и да ги послушате- одлуката на крај мора да е ваша и само ваша. Не на партиите, не на поединците.

Покрај законите, втората најважна работа според која треба да се раководите во општината е знаењето и науката. Истите преточени во позитивни искуства ќе ве одвезат по вистинскиот пат каде што треба да се движите.

Бидете истрајни во заложбите и отпорни на зборовите тогаш кога силно а неосновано ќе ве критикуваат. Кочете тогаш кога не сте сигурни во критиките на јавноста. Помислете за момент дека можеби е јавноста во право, претпоставете ги работите онака како што тие зборуваат.

Седнете ги на маса и соочете се со нивните критики и аргументи уште еднаш. Можеби се во право. Никогаш не е касно за преиначување. Не прекинувајте да учите за Охрид во тек на целиот ваш мандат. Верувајте - малку знаете од она што Охрид навистина вреди. Мора да научите како да се соживеете со духот и наследството на Охрид.

Само така ќе знаете што е најдобро и најисправно за него. Само така ќе знаете како да не го повредите. Охрид вреди повеќе од сите нас, но не вреди без нас.